Станко Илиќ Попов - Литература
Импресии од мојот престој во Франција На натпреварот Европа во Вашето училиште ја освоив првата награда во полето на литературата и на мое најголемо изненадување добив седумдневен престој во Стразбур, Франција. Мојот есеј ги надмина моите очекувања. Навистина бев возбуден затоа што никогаш порано во животот не бев освоил прва награда. Како да се оствари еден сон, сон кој веќе подолго време го гонам. Мој сопатник беше уште еден ученик од Скопје, Младен. Не го знаев, но тоа не ни беше толку важно затоа што многу брзо се спријателивме.
Летот беше СКОПЈЕ-БЕЛГРАД-СТРАЗБУР. Искуството беше најоригинално бидејќи немав летано порано со авион. Полетувањето и слетувањето беа најинтересните мигови во целото патување.
Стразбур. Град на култура, спорт, политика, забава, пријателства... Моите очекувања не беа многу големи. Очекував семинар со целосна тишина, работа, строги надзорници, но мене ме чекаше големо изненадување...
Бевме сместени во EYC ( Европски Младински Центар). Другите учесници беа на истата годишна возраст како и јас. Навистина за кратко време сите се спријателивме. Бев сам во собата. Мала, чиста собичка погодна за одмор по напорниот ден. Храната која ја добивавме беше прекрасна и разновидна, имавме најразновидни рекреации (од физички- билјард, фудбал, пливање; психички-карти, умствени игри, компјутери итн). Моето очекување беше дека ќе има 100% работна атмосфера, но не беше така. Нашите инструктори секогаш знаеа да направат да биде интересно и никогаш не не форсираа со премногу работа. Едноставно беа онакви какви што јас ги замислував перфектните наставници. Секогаш насмеани, комуникативни, инвентивни. Навистина не ми се веруваше дека можам и јас да се најдам еден ден на вакво место. Што всушност ние работевме таму? Имавме за задача најпрвин да објасниме што не натерало да го направиме нашето дело, зошто сме го направиле, што сме чувствувале пред и по направеното дело итн. Потоа имавме дебати за Европа како целина и Европа без граници. Имавме дури и церемонија на која ни беа доделени награди за нашата инзворедна работа. Во меѓувреме се запознавме подобро помеѓу себе. Игрите кои ни ги организираа инструкторите не поврзуваа и не правеа повеќе зависни еден од друг. Забавите кои ги организиравме во ноќите траеа до утринските часови но тоа не не спречуваше да бидеме свежи и насмеани изутрината. Преку тие забави се поврзавме и станавме како едно големо семејство. Во програмата беше предвидено и да се посетат Парламентот, Судот за човекови права и Собранието. Таму ние се стекнавме со нови знаења во областа на политиката, човековите права, а исто така имавме и можност да се восхитуваме на убавините на градот преку прошетка со брод на кој ни беше објаснето кој дел од градот датира од кое време и буквално добивме информации за секоја зграда или структура на која ќе наидевме. Човек тоа искуство со зборови не може да го опише. Тоа треба да се доживее за да се осети кое воодушевување го предизвикува во човечката душа. Една вечер бевме однесени на вечера во прекрасен ресторант. Храната беше инзворедна, вкусна и одлично декорирана, а пијалокот течеше низ грлото како мед. Прекрасна вечера исполнета со пријатно друштво и слатка смеа...
За жал дојде и денот кога моравме да си отидеме. Ми беше криво затоа што беше многу кратко, но некои паметни луѓе го кажале следново нешто: - „Подобро раздвојте се кога ви е најубаво затоа што секогаш ќе имате желба да се видите повторно...“
|
Младен Цветков - Ликовно
Импресии од патувањето во Стразбур
Учеството на конкурсот на тема „Разбирање на Европа преку културата и спортот“ беше голем предизвик за мене бидејќи интеграцијата на нашата земја во Европа е најактуелна во моментот. Учеството на натпреварот и престојот во Стразбур на Меѓународниот младински собир за освоено прво место (ликовна творба) го чувствувам како свој личен придонес во остварувањето на тие интеграциони процеси во областа на културата. Кога тргнавме за Стразбур мислевме дека тоа ќе биде обичен здодевен собир, но реалноста беше далеку од тоа. Кога пристигнавме во Младинскиот центар го запознавме тимот составен од четворица извонредни ментори како и остатокот од групата составена од по два члена од дванаесет европски земји.
Организиравме европска вечер на која ги презентиравме земјите од кои што доаѓаме. Исто така имавме организирани прошетки до Европскиот парламент. Советот на Европа, Судот за човекови права и.т.н.
Во Младинскиот центар беше организирана изложба на победничките дела, а истите ги презентиравме и пред комисија од Еоветот на Европа. Сепак она што најмногу ни остави впечаток беше дружењето и новите пријателства.
За време на престојот беа организирани работни сесии на теми од областа на образованието и Европа како дом за сите, каде преку групна работа се разви дух на пријателство и соработка меѓу учесниците.
На крајот од престојот се чувствуваме како да се знаеме од многу одамна и искрено жалевме што треба да се разделиме. Стекнатите контакти и пријателства по завршувањето на семинарот, продолжија преку електронска пошта и меѓусебни посети. Сето ова беше едно прекрасно искуство кое ќе го паметам засекогаш.

|